Измами со криптовалута

Научете што е криптовалута или измамите со криптовалута и како тие се потпираат врз ветувањата за голема добивка, слично на други видови инвестициски измами.

Што е криптовалута?

Криптовалутата (Cryptocurrency), обично наречена и само крипто (crypto), е нов облик на пари што им се допаѓа на измамниците, бидејќи штом ќе почне да се троши или пренесува, поништувањето или враќањето на плаќање не е можно.

Измами со криптовалута

Исто така, круптовалутата често е облик на плаќање што се бара и за други измами. Кога за инвестициски можности се бара плаќање само со криптовалута, тоа е добар предупредувачки знак дека имате работа со измамник.

Што е измама со криптовалута?

Измамникот ќе понуди да купи или да ракува со криптовалута во ваше име како дел од лажна брокерска услуга. Измамата успева бидејќи криптовалутата е многу техничка и поголемиот број луѓе не знаат многу за неа.

Како функционираат измамите со круптовалута

Како и останатите инвестициски измами, може да се случи да одговорите на некоја реклама на социјалните мрежи, или измамникот директно да контактира со вас.

  • Ќе ви понуди некоја неверојатна можност и ќе се обиде да ве натера да се префрлите на некоја апликација за праќање шифрирани пораки (encrypted messaging app) како што е WhatsApp.
  • Тој може да се обиде да ве убеди да инсталирате специјален софтвер за да управувате со вашата криптовалута.
  • Ќе му платите на измамникот да купи криптовалута и софтверот ќе покажува дека цената се зголемува.
  • Цената може да падне, или измамникот ќе престане да ви одговара ако се обидете да повлечете пари.
  • Во реалност, измамникот воопшто не купил криптовалута за вас, туку едноставно ви ги зел парите.
  • Понекогаш измамникот ќе ги употреби вашите пари (и пари од други жртви) за да изврши „памп и дамп“ (pump and dump) на криптовалута за да добие брза заработка.
  • Заради природата на круптовалутата, враќањето на вашите пари всушност не е можно.
Криптовалутата секогаш претставува инвестиција со висок ризик, дури и кога сме ја купиле законски.

Како да се заштитите од измами со криптовалута

Измамите со криптовалута се детектираат тешко, а брокерите и останатите крипто-услуги тешко се проверуваат. Секогаш:

  • проверете го името на брокерот преку пребарување на Google заедно со зборовите „поплака“ (complaint) и „измама“ (scam) (ова не е секогаш 100% сигурно)
  • сомневајте се кога добивате несакани повици (unsolicited calls) и е-пошта (emails)
  • одбивајте понуди од пријатели, бидејќи и пријателите може да бидат жртви на измама и да ви го препорачаат измамникот без да знаат
  • не инсталирајте брокерски софтвер (broking software)
  • одржувајте го противвирусниот софтвер (antivirus suite) ажуриран
  • не складирајте ги вашите лозинки (passwords) напишани на компјутерот.

Одбегнувајте ги компаниите што нудат да инвестираат во круптовалута во ваше име. Ако сакате да се занимавате со криптовалута, треба да користите австралиска лиценцирана крипто-размена.

Што да правите ако ве измамат

Некои измамници со криптовалута одбираат луѓе кои веќе се сопственици на криптовалута. Кај луѓето на кои криптовалутата им е нешто ново, измамниците ја користат неукоста на тие лица и непостоењето на законски правила за криптовалута, па така ги измамуваат да за да добијат пари. Тие пари обично не може да се вратат, но вие исто така треба да реагирате брзо за да ги заштитите останатите финансиски средства што ги имате и вашиот идентитет.

  • Пред да ги измените лозинките, деинсталирајте ги сите софтвери што измамникот ве натерал да ги инсталирате, бидејќи тие софтвери може да вклучуваат способност да читаат што пишувате на тастатурата (па така и лозинките што ги внесувате)
  • Извршете детално скенирање со противвирусниот софтвер што го имате или инсталирајте противвирусен софтвер ако немате
  • Контактирајте со вашата финансиска институција за да ги измените лозинките или да ги откажете/издадете повторно кредитните или дебитните картички
  • Погледнете дали можете да поништите некое плаќање. Ова често не е можно, но секогаш вреди да се обидете
  • Изменете ги важните лозинки, како што е онаа на вашата главна адреса за е-пошта и лозинката што ја користите за да се најавите на компјутерот.

Кога се сомневате дека вашата електронска врска е измама, веднаш престанете да контактирате со измамникот. Не обвинувајте го, бидејќи тој може брзо да се обиде да укради пари од вас пред да имате доволно време да ги обезбедите вашите финансиски средства.

Измамите со криптовалута се нови и сите информации што ги давате ќе бидат многу важни за да се помогне во ограничувањето на активностите на овие измамници.

  • Пријавете ја измамата кај Службата за следење измами на Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачи (ACCC's Scamwatch service) на www.scamwatch.gov.au/report-a-scam. Оваа интернет-страница вклучува образец што можете да го пополните, и исто така дава врски и информации како да добиете помош
  • Исто така, можете да ја пријавите измамата како сметачко злосторство (или киберзлосторство) на интернет-страницата на Австралиската влада на cyber.gov.au.